Речиси цел месец нема траг од штипјанецот Драган Стојанов (40), кој на 10-ти август во раните утрински часови излегол од домот и заминал во непознат правец.
Родителите го пријавиле исчезнувањето во полиција, а очајниот татко во повеќе наврати преку ,,Фокус” апелираше до јавноста доколку било кој има информација за неговиот син, веднаш да пријави во полиција.
На почеток, семејството кажа дека стравува од најлошото, односно се плашеле дека Драган кренал рака на себе поради коцкарски долгови. Но, денес неговиот татко Керчо Стојанов, вели дека сепак имаат надеж дека синот им е жив, откако добиле вест дека Драган бил забележан во Дојран.
Токму поради тоа, тој апелира до локалното население во Дојран, но и во околните општини, доколку го забележат неговиот син, да го задржат и да пријават во полиција.
-Цел месец се измачуваме и очекуваме вести за синот. Неодамна имавме некоја дојава дека наводно бил забележан во Скопје, полицијата ни кажа дека се вршат проверки, но ништо не излезе на крај.
Сега, добив дојава која ми даде надеж. Поранешен колега на Драган вели дека го забележал во Дојран, некаде околу 12-ти или 13-ти август, два-три дена откако тој исчезна.
Човекот тогаш не ни знаел дека Драган е исчезнат и дека се трага по него, затоа и не кажал ништо. Полицијата е известена, но би било од голема помош доколку и тамошното население обрати внимание, ако го забележат да јават во полиција, замолува таткото.
Додава дека кога Драган заминал од дома бил облечен само по долна облека, односно само по гаќи. Имал сериозни проблеми, бил загрижен поради долговите, а примал и терапија.
Поранешниот колега кој им кажал дека го видел во Дојран, раскажал дека Драган бил облечен во тренерки и стоел покрај камион, но сепак тој не отишол да поразговара со него.
-Верувам дека човекот ја кажува вистината и дека не се препознал, бидејќи во минатото работеше заедно со син ми, го знае и не може да згреши и да го помеша со друг човек. Ја замолувам јавноста да помогне, ние само сакаме да знаеме каде е нашиот син, и било што да го мачи, заедно ќе го надминеме проблемот, порача Керчо Стојанов.
Инаку, за само еден месец од Штип исчезнаа три лица. Покрај Драган, исчезнати се и Драгица Ристевска (74) и Славе Димитриевски (87). Нивните исчезнувања се пријавени во полиција.
Вики Клинчарова