Три дена трае агонијата на скопјани, откако вработени во ЈП Комунална хигиена протестираат и не го собираат ѓубрето, па синоќа кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев испрати три камиони и еден џип во Скопје, да помогнат во решавање на проблемот со отпадот.
Како што информираше, камионите биле испратени во Кисела Вода, но доколку имало потреба, ќе се испрателе и во другите скопски општини.
Во разговор за „Фокус” Јанчев вели дека добар менаџер и градоначалник никогаш не би го довел градот во една ваква состојба, како што е сега случај во Скопје.
– Ова очигледно не е ситуација која настанала преку ноќ, не може добар менаџер и градоначалник да не знаел што се случува во јавното претпријатие, и секако дека требало на време да се реагира и да се превенираат сите немили настани.
Едноставно, градоначалничката Данела Арсовска која го води градот, не смеела да не знае што се случува и какви проблеми имало во ЈП Комунална хигиена. Оправдани се реакциите на граѓаните, посебно среде лето, загрозено е здравјето на сите од една страна, од друга страна, вакви слики не прилегаат на главен град на една држава – вели Јанчев.
За камионите кои ги испрати на помош синоќа, вели дека се работи за солидарност и обид да се помогне, а во ЈП Комуналец Кавадарци имале седум возила на располагање и претпријатието функционирало беспрекорно.
– ЈП Комуналец моментално има седум возила, од кои четири се постојано активни, три се оставени на ,,стенд бај”, по потреба. Во тек на оваа недела ќе пристигнат уште две нови возила. Имаме околу 300 вработени, кои ја покриваат целата општина. Значи кај нас ЈП Комуналец се грижи за се во градот и во околните села, немаме посебни служби како Градско зеленило и Водовод, целиот товар е на овие луѓе. Токму поради тоа, грижата за вработените ни е на највисоко ниво.
Добиваат месечна плата од 30.000 до 35.000 денари, имаат бенефициран стаж, добиваат 13-та плата, К15, редовни систематски прегледи, тетанус вакцини.
Кога работникот е добро заштитен од сите аспекти, нема потреба од негодување или протести, се функционира најдобро во интерес на граѓаните.
Не смее да се дозволи во едно претпријатие да се таложат проблеми кои би довеле до вакви, немили ситуации, градоначалниците мора да бидат во тек со сите случувања, и да се реагира навремено- тврди градоначалникот.
Додава дека во изминатите пет-шест години, откако е на функција, во Кавадарци нема повеќе диви депонии. Се расчистиле и тие во околните села, а екипите на ЈП Комуналец постојано биле на терен.
Според вработените во ЈП Комунална хигиена, протестот е поради барање на повисоки плати (неофицијално, сегашните плати биле околу 21.000 денари), како и враќање на работа на колеги кои биле избркани.
Директорката Косана Мазнева-Николиќ на прес-конференција порача дека станува збор за намерна блокада од страна на група која припаѓала на подземјето и имала поддршка од политички моќници, а лица кои не работеле редовно земале плата.
Вики Клинчарова