Уставниот суд одлучувал по околу 130 претставки кои биле поднесени за уредби кои ги донесе Владата за време на вонредната состојба. Од Уставен за „Фокус“ велат дека од почетокот на вонредната состојба одлучувале по околу 130 претставки поднесени за уредбите, а им останале за одлучување уште мал дел од поднесените преставки.
Најмногу претставки за владините уредби поднесувал Светскиот македонски конгрес на Тодор Петров.
Од Судот велат дека немаат статистика за која Уредба најмногу претставки биле поднесени, но велат дека тие одлучуваат и за поднесена една претставка. Некои претставки се отфрлени, а некои се прифатени, односно дел од уредбите биле поништени.
Утре завршува вонредната состојба која ја прогласи претседателот, Стево Пендаровски и како што велат од Уставен уредбите ја губат правната сила. Сепак од таму напоменуваат дека правното дејство на уредбите е различно по завршувањето на вонредната состојба.
За време на вонредната состојба Уставниот суд беше еден вид на контролор на уредбите со законска сила кои ги донесе Владата, во услови кога нема Собрание, а состојбата е вонредна. Најмногу незадоволство во јавноста предизвика одлуката на Судот да ја поништи уредбата на Владата, според која обвинителите, судиите, пратениците, како и другите избрани и именувани функционери требаше да земаат плата од 14.500 за април и мај. И покрај кризата која ја предизвика новиот вирус, сепак судиите и функционерите земаа цела плата.
Ф.Ф.С.