До Управниот суд се уште не пристигнале тужби од политичките партии

by fokus

До Управниот суд до 14 часот не се пристигнати тужби од политичките партии, откако Државната изборна комисија едногласно ги отфрли сите 2.142 нивни приговори за предвремените парламентарни избори, информира за МИА претседателот на Управен суд Бурим Сејдини.

ДИК треба да ги достави решенијата за одлуките до политичките партии, по што почнува да тече 24-часовниот рок за поднесување на тужби.

Како што информира за МИА портпаролот на ДИК Адмир Шабани до 14 часот решенијата од Комисијата за отфрлање или одбивање на приговорите ги подигнале претставници на Алијанса за Албанците и Алтернатива, на Интегра, на МОРО, на Демократи и на Левица.

Тој вели дека доколку некоја од партиите не ги подигне решенијата, ДИК им ги испраќа по електронска пошта. По пет часа по испраќањето се смета дека решенијата им се доставени на партиите. Потоа тие имаат рок од 24 часа да ги достават до Управниот суд, кој пак во рок од 60 часа по приемот на тужбите треба да одлучи по нив.

– Подготвени сме да примиме тужби од страна на овластени претставници на листите на кандидати за пратеници, меѓутоа до овој момент нема поднесено тужби, вели Сејдини.

Тој истакнува дека се преземени сите активности и мерки за судот да функционира во целиот свој капацитет.

-Извршена е жрепката на советите за одлучување по избори, така што, убедени сме дека Управниот суд ќе успее навремено да ги изврши своите законски надлежности, а тоа е да донесе одлуки по поднесените тужби и да имаме официјални конечни резултати по одржаните предвремени парламентарни избори 2020 година, рече Сејдини.

Повтори дека се прават напори да се организираат и судот да постапува најефикасно што е можно.

По одлуката на Управниот суд и добивањето на евентуалните одлуки од Уставниот суд, за заштитата на избирачкото право, во ДИК, согласно законот, Комисијата ќе ги објави официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори. Потоа ДИК ќе им издаде уверенија на избраните пратеници. Крајот рок за одржување на конститутивната седница на Собранието е 4 август. 

Поврзани новости