До среда треба да има средба на лозари и винари во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, е заклучокот од денешната средба на ресорниот министер Трајан Димковски со лозари во Кавадарци.
-Од првиот ден нашата заложба е дека цената треба да остане најмалку иста како минатата година. Во овој дел винариите имаат свои калкулации, тие бараат дополнителни екстра субвенции кои би оделе на цената, дали ќе бидат кај нив, дали кај лозарите, за тоа ќе разговараме. Многу е важно дека ако еднаш ја спуштат цената, зголемувањето е многу тешко. Затоа и нашиот став е дека заеднички треба да бидеме во ова прашање, и ќе правиме што ќе правиме, ќе се договараме по три дена ако треба, но цената да ја задржиме, нагласи министерот, додавајќи дека овој сектор е важен и специфичен бидејќи ова се повеќегодишни насади и не е лесно ниту да се влезе во производство, ниту пак да се излезе, рече Димковски.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека ја разбира загриженоста на лозарите околу пласманот на грозјето.
-Мојот став е дека за цена не треба да се разговара. Цената во најмала рака треба да остане на минатогодишното ниво. Да нема манипулации околу откупот. Од тоа не треба да отстапуваме. Треба да се излобира кај винариите да се откупат целите количини. Проблемите треба да се решат многу брзо оти грозјето кога ќе достигне технолошка зрелост не може да чека. Знам како е и јас имам лозов насад. Доколку се чека, ќе се изгуби на квалитет и квантитет, рече Јанчев.
Тој се осврна и на винската индустрија.
-Да бидеме рационални и објективни. Во колапс е економијата на светско ниво. Според моите информации и нашите винарии се малку во полоша состојба отколку што би требало да бидат. Падната е потрошувачката. Како лозаропроизводители не треба да се лутиме и не треба да се мешаме доколку државата одлучи да им помогне поради економската криза. Но, винариите да ја дадат минатогодишната цена, нагласи Јанчев.
Тој се осврна и на сопствениот проект за дестилерија во склоп на винарска визба, под државна капа, со цел полесно и долгорочно решавање на проблемите. На забелешки од одделни лозари околу проблемите со водата за наводнување, тој ја нагласи и потребата од децентрализација во водостопанскиот сектор.
На средбата беа присутни и градоначалниците од регионот и пратениците на СДСМ.