Судскиот совет потврдува дека претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев денеска доставил барање за продолжување на мандатот на поротничката во случајот „ТНТ“, бидејќи во спротивно судењето ќе треба да стартува од почеток. На поротничката Лилјана Ивановска Кочкова утре и истекува 4-годишниот мандат, а не може да биде избрана повторно поради наполнети 60-години.
Во соопштението на советот се вели дека во среда ќе констатираат престанок на мандатот на поротничката, што значи дека Кривичниот суд има рок од два дена да донесе пресуда за рушењето на објектот Космос или судењето ќе почне од почеток.
„Судскиот совет на Република Северна Македонија поради зголемениот интерес на јавноста во врска со истекот на мандатот на двајца судии поротници во предметот „ТНТ кој се води пред Основниот кривичен суд Скопје ја информира јавноста за следното:
-Денес во 11,02 часот од страна на претседателот на Основен кривичен суд Скопје е доставен допис со кој бара на судиите поротници да им биде продолжен мандатот од аспект на исклучителниот јавен интерес а во правец на обезбедување на владеење на правото, но доколку Судскиот совет не одлучи за продолжување на мандатот да отпочне постапка за престанок на функцијата судија поротник.
Согласно член 80 став 1 точка 5 од Законот за судовите е предвидено дека на судија поротник му престанува функцијата со навршување на 60 години старост.
Согласно член 53 став 2 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија е предвидено дека Советот престанокот со решение го констатира на првата наредна седниц.
Судскиот совет одржа работен состанок и имајќи ги предвид наведените законски одредби донесе заклучок согласно кој престанок на функцијата судија поротник на наведените судии поротници во Основниот кривичен суд Скопје ќе констатира на првата наредна седница“, се вели во соопштението на Судски совет.
Во овој случај обвинети се седум лица, меѓу кои експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер Миле Јанакиески и ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски.