До овде дојдовме, молам за помош за да продолжиме со испитувања, апелира самохрната мајка на две болни деца од Охрид

by Фокус

Откако се објави апелот за донации наменети за лекарски прегледи на моите две деца, се собраа околу 38.000 денари. Иако мислев дека ќе бидат доволни околу 300 евра, сепак, се испостави дека потребната сума надминува 1.000 евра. Ни недостигаат уште околу 25.000 денари, и повторно замолувам за помош- за ,,Фокус” раскажува самохраната мајка Марија Шиниковска од Охрид.

Нејзините две деца, ќерка и син имаат здравствени проблеми од самото раѓање. Ќерката е со церебрална парализа, но и со сериозно искривување на рбет, додека пак синот имал аутизам. Како што вели мајката, која ги издржува децата само со нејзината скромна плата како садомијачка во хотел во Охрид, веќе два дена се во Скопје, и имале испитувања во една помала приватна здравствена установа, но и во клиниката на доктор Жан Митрев.

-Мораме да завршиме со сите испитувања за да добиеме точни дијагнози. Од она досега, резултатите не се ветувачки, моите деца имаат сериозни здравствени предизвици. Дури откако ќе ги добимеме прецизните дијагнози, ќе можам да се надевам на користење на надоместок за нега. Принудена сум да барам помош од хуманите луѓе, кога веќе дојдовме до Скопје, се надеваме на солидарност, дека ќе се донира уште некој денар, за да можеме да ги платиме сите медицински услуги кои ни се неопходни. До овде дојдовме, да не се враќаме назад, молам за помош – порачува Марија.

Нејзината ќерка има девет години, а пак синот пет. Марија сама се грижела за нив, а единствено имала помош при чување од нејзина тетка, која била без примања. Раскажа дека таткото на децата не плаќа алиментација за нив, бидејќи имал кредити за отплаќање, а немала помош ниту од нејзинотото семејство кое исто така било во незавидна финансиска ситуација.

-Сама, со една плата, можам да платам сметки, кирија, да купам нешто храна. За повеќе, не останува… Едвај сврзуваме крај со крај, и овие трошоци со лекарсите дијагностики и прегледи, за мене се голем финансиски удар. Не сакав да молам за помош од јавноста, но друг излез во овој период не гледам – порача мајката.

Сите кои се во можност да и помогнат, можат да донираат на нејзината жиро сметка на име Марија Шиниковска, Тутунска банка 210 501768421405 или пак да ја побараат на телефонскиот број 076 605 116.

Вики Клинчарова

Поврзани новости