Човечкиот труп кој беше пронајден во длабока бездна кај местото викано Просек, во близина на Неготино и Демир Капија, се уште е на обдукција.
Официјално, идентитетот на починатото лице би требало да се знае до крајот на неделата, изјавија од СВР Велес за ,,Фокус”.
Трупот бил забележан од случаен минувач, планинар, на 27-ми март.
Четири дена траеше акцијата за негово извлекување, поради непристапноста на теренот. Беа вклучени полициски службеници од ОВР Неготино, САЕ Тигар и двајца алпинисти од Алпинистичко друштво „Скала“ од Струмица.
По извлекувањето, по овластување на јавен обвинител трупот беше предаден на обдукција.
Во меѓувреме, голем број на лица чии блиски се водат за исчезнати, се обратија во редакцијата на ,,Фокус” во потрага по информации поврзани со пронајденото тело, стравувајќи дека можеби станува збор за нивниот член на семејството.
-Најверојатно до петок, сабота, обдукцијата би требало да го даде одговорот за идентитетот на лицето, порачаа од СВР Велес.
Вики Клинчарова