Најдоцна до крајот на годината треба да се случи припојувањето на „ГА-МА“ кон Македонски енергетски ресурси (МЕР), по што се очекува да се забрза процесот за гасификација.
Премиерот Зоран Заев неодамна информираше дека постапката на договарање со „Макпетрол“ се уште трае, но правно постапките во Државно правобранителство биле завршени, и се прават проценки со судско вештачење. „Макпетрол“ и државата водат спор за тоа кој има поголем удел во гасоводот, повеќе од 12 години. Но пред неколку месеци, компанијата побара вонсудско решавање на деценискиот спор, а предлог-спогодбата државата ја имаше доставено до Државното правобранителство.
-Вредноста на „Гама“ и колку се инвестирало е јасно утврдено со законско решение. Случајот сметам дека можеме да го решиме на крајот на годината и затоа во ребалансот утврдивме 1 милијарда и 900 милиони денари (околу 32 милиони евра) за исплата, рече Заев.
Премиерот додаде дека на тој начин државата ќе стане 100 отсто сопственик на целиот гасоводен систем.
-Македонски енергетски ресурси (МЕР) и „ГА-МА“ ќе ги споиме и автоматски ги решаваме крупните прашања кои ни се обврска според Европската енергетска заедница, а и согласно Законот за енергетика донесен во мај 2018 година. Со едно такво решение, националниот оператор, преносувач, дистрибутер МЕР ќе може конечно да стане единствен сопственик и да го добие лиценците кои веќе ги има „ГА-МА“ или да аплицира за свои. На тој начин ќе може да пушти гас до тоа што е изградено Штип, Велес, Прилеп. И втората важна работа, ќе се овозможи да го продолжиме проектот со интерконекторот со Грција. Не може некој да биде ем снабдувач, ем дистрибутер, додаде Заев.
Припојувањето би значело забрзување на процесот на гасификацијата и за директорот Бајрам Реџепи, но според него потревни се и дополнителни услови за гасот да стигне до домаќинствата и индустријата.
-За евтиниот гас да стигне до секое семејство треба да се создадат неколку предуслови, да имаме диверсификација на изворите за снабдување, брза и ефикасна изградба на дистрибутивната мрежа, субвенционирање на внатрешните инсталации и неколку други предуслови. Основајќи се на студијата за изградбата и развојот на дистрибутивната мрежа и гледајќи ги најдобрите европски пракси, Владата веќе одлучи дистрибутивната мрежа да се гради со јавно-приватно партнерство. Но општините секако дека можат да помогнат ако направат добри и одржливи проекти, посебно кога знаеме дека процесот до добивање на одобрение за градба е сложен и долг“, изјави Бајрам Реџепи, директорот на МЕР за „Мета“.