АД ЕСМ вчера достави понуда на тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за купопродажна цена на електричната енергија од 53 евра за мегават час за покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини со што Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ги има сите неопходни податоци за во текот на следната недела да ја донесе одлуката за цената на струјата што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар во наредните шест месеци, почнувајќи од 1 јули.
Цената што е доставена на тендерот е за 5,35 проценти пониска од 56 евра за мегават час, колку што ЕСМ и ја продаваше струјата на ЕВН Хоум во изминатите шест месеци.
Од неа најмногу зависи колкави ќе бидат сметките на граѓаните во следните шест месеци.
Во вкупната цена влегуваат и други влезни параметри, како што се цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција, како и ДДВ-то кое од 1 јули повторно ќе изнесува 18 отсто, наместо досегашните 10 отсто.
ДДВ-то на конечната цена влијае околу 7,2 отсто, а претходно МЕПСО до РКЕ достави барање за зголемување на цената за преносот за 50 отсто, Електродистрибуција, пак, побара зголемување на цената за делот на дистрибуција за околу 30 отсто.
Премиерот Димитар Ковачевски не очекува да има зголемување на цената на електричната енергија.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, пак, неодамна нагласи дека сигурно ќе биде воведена евтина дневна тарифа на струјата, но посочи дека РКЕ ги завршува анализите и ги знае техничките проблеми кои ги има во процесот.
– Во овој момент имаме сериозно разединување за колкав временски период тие технички софтверски проблеми може да се надминат. Овие неколку дена ќе ги искористиме за интензивна комуникација со операторот на дистрибутивниот систем за да видиме реално кога и како може да започне имплементацијата на евтината тарифа, рече Бислимоски и додаде дека е сигурно оти евтината тарифа ќе биде воведена.