До каде е изработката на најавуваниот Закон за потекло на имот, ја праша лидерот на Левица Димитар Апасиев претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.
-Дали имате некакви притисоци да не се донесе – праша Апасиев.
Ивановска одговори дека неговата изработка е во понапредна фаза. Како што истакна таа, веќе била изработена една драфт-верзија, на која ДКСК имала забелешки.
-За многу функционери се знае дека живејат во луксузни куќи и возат бесни коли, но никој не им може ништо затоа што имотот е на туѓо име. Затоа, ние сакаме овој закон да го опфати секој граѓанин и бевме против да се испитува само имот вреден над 30.000 евра, зашто секогаш некој ќе застане на 29.900 евра – рече Ивановска.
Таа појасни дека во рамки на Финансиската полиција ќе треба да функционира софтвер кој ќе ја олесни проверката на имотот.
-Треба да светне црвен аларм кога ќе има отстапувања. Секој граѓанин ќе треба да го оправда имотот со оданочени приходи – посочи Ивановска.