Општина Битола ги објави сумите кои им биле исплатени на изведувачите кои настапија како дел од празничната програма „Зимска приказна“.
Како што потенцираат од општината, како град кој секогаш тежнеел кон транспарентност и отчетност, тие ги презентирале бројките и резултатите од манифестацијата пред целата јавност.
Според информациите, вкупната вредност на настаните кои биле дел од програмата на „Зимска приказна“ изнесувала 6.185.467,00 денари, односно околу 100.500 евра.
– Имајќи предвид дека општината е основач на КИЦ Битола, а дополнително прецизирано и со договор за институционална соработка, од наведените 6.185.467,00 денари, 3.997.982,00 денари, се исплаќаат кон изведувачите од страна на Општина Битола, а 2.187.485,00 денари од страна на Културно – информативен центар Битола, појаснуваат од Општина Битола, додавајќи дека имале над 50.000 посетители на празничната програма.
Во Записникот, кој е објавен на официјалната страница на општината, наведени се и одобрените средства, бруто износ за учесниците кои настапија.
Станува збор за 173 изведувачи, односно групи кои аплицирале со свои проекти.
За својот настап познатата рок група Ареа добила хонорар од околу 2.760 евра, хонорарот на Некст Тајм е околу 5.555 евра, Бојана Скендеровски е со хонорар од околу 1.666 евра, Љубојна со околу 2.710 евра, Игор Димовски со „Пауза за ракија“ е со хонорар од околу 1.666 евра, Зуица Лазова и група Фонтана добиле околу 4.336 евра, Ѓоко Танески добил хонорар од околу 1.666 евра, Виктор Апостоловски добил околу 361 евра, Андријана Јаневска добила околу 1.896 евра, Сузана Спасовска исто така добила околу 1.896 евра, група Блезери добила околу 1.806 евра, Фолтин добиле околу 2.529 евра, но и многу други изведувачи, за кои одобрените суми до денар се објавени во Записникот.
Како единствен учесник кој не барал хонорар е наведено Државното музичко училиште за проектите Новогодишен марш, Новогодишна музичка магија, Посакај желба и Ритамот на новогодишната магија.
Според Општина Битола, со „Зимска приказна“, градот го покажал својот вистински потенцијал како културен епицентар и туристичка дестинација, која не само што го славела празничниот дух, туку директно ја поддржувала локалната економија и туризмот.
Вики Клинчарова