Пратениците од британската конзервативна партија денеска гласаат за доверба на нивниот лидер Борис Џонсон од 19 до 22 часот, по што ќе следи пребројување на гласовите.
За заминувањето на Џонсон потребни се гласовите на мнозинството пратеници од конзервативците, од нив 180. Доколку тоа се случи, следуваат избори за ново партиско раководство.
Би-би-си проценува дека 131 конзервативен пратеник пред гласањето најавиле дека ќе го поддржат Борис Џонсон во гласањето за доверба.
Пратениците влегуваат во просторијата за гласање преку една врата, а излегуваат преку друга. Забрането им е да внесуваат мобилни телефони за да не го фотографираат гласачкото ливче, а гласаат во затворена кабина.
Голем број конзервативци изразија загриженост за тоа дали 57-годишниот Џонсон го загубил овластувањето да управува со земјата бидејќи ѝ се заканува рецесија, зголемените цени на храната и горивото и штрајкови во Лондон.
Џонсон, премиер од 2019 година, е под зголемен притисок по извештаите за корона забавите со алкохол од страна на политичкиот врв во време кога остатокот од Британија беше под строги карантински мерки наметнати поради пандемијата на Ковид-19.