Грчката Агенција за цивилно воздухопловство преку издадените нови упатства за воздушниот сообраќај, најави продолжување на мерката за привремена забрана за летови од и кон Грција за седум земји, меѓу кои и Северна Македонија.
За нашата земја, привремената забрана за летови од и кон Грција е продолжена до 23.59 часот на 14 јуни 2020 година, а истото важи и за Албанија и Турција, јави дописничката на МИА од Атина.
За летовите од и кон Италија, Шпанија, Велика Британија и Холандија, забраната важи до 31 мај 2020 година, до 23.59 часот.
Паралелно, до истиот термин се продолжува и мерката, сите останатите меѓународни летови да се полетуваат и слетуваат само на атинскиот аеродром.
Од привремената забрана за летови, исклучок се карго летовите, здравствените, хуманитарните, државните, итните, оние за репатриација на граѓани итн.