Популарното дуо ДНК ја промовираше новата песна ,,Животе брате” која е создадена во чест на нивните пријатели Мирко Петровски и Марјан Михајловски Маци, кои починаа пред неколку месеци.
Дел од изведувачите во песната се Наум Петрески и Џамбо Агушев со неговиот оркестар, и за истата е снимен и видео запис. Станува збор за нумера која лесно ,,се лепи” за уво и која е потенцијален нов хит на музичарите.
Ненадејната смрт на бодибилдерот и фитнес тренер Мирко, кој почина во март годинава, а потоа во мај и смртта на Марјан Михајловски, предводник на навивачката група на МЗТ Скопје, длабоко го погоди дуото.
Панчо од ДНК со двајцата се прости на социјалните мрежи со емотивни објави.
-За жал, секогаш после вакви настани сфаќаме колку не ги цениме саканите, односно времето додека се на овој свет. Мислиме дека вечно ќе се тука, и секогаш бараме оправдувања за дружбите кои ги одложуваме за утре, а никогаш не знаеме дали тоа утре ќе го дочекаме- напиша Панчо по смртта на Марјан.
,,Животе брате” веќе е прикачена на музичкиот канал Јутјуб, а стиховите ги потпишува Панчо. Музиката е заедничка на Панчо и Лазар Цветковски, а режисер на видо записот е Огнен Шапковски.
Инаку, дуото изминатиот период одржа голем број на концерти во земјава. Нивните настапи се доста енергични и се внимава на секој детал на сцената поради што звучат светски.
Вики Клинчарова