ДНК од четири лица била најдена во автомобилот „опел омега“ од „Монструм“

by fokus
ДНК на четири лица била откриена при вештачењето на автомобилот „опел омегата“ во кој според обвинителството се превезувале дел од извршителите на велигденскиот масакар што се случи кај Смиљковското Езеро. Ова беше кажано на денешното судско рочиште за случајот „Монструм“.
При извршениот преглед во внатрешноста на возилото не биле воочени видливи траги, па се пристапило кон подигање траги од биолошко потекло од повеќе места во возилото. По спроведените ДНК анализи добиени се четири ДНК профили, објави МИА.
Добиените ДНК профили, посочи вештакот, се внесени во ДНК база за пребарување.
 „Монструм” се наоѓа во доказна постапка, а на минатото рочиште искази даваа вешти лица од крим техника на МВР. Според нивните вештачења, кај Смилковско езеро било пукало со две пушки „калашников” и еден пиштол.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

 

 

Поврзани новости