Дневник, само за по некој ден од мај 1992

by Фокус

Пораката е: може признавање, ама со друго модифицирано име. Глупости на кои подлегнале, сите под влијание на Грција. Во секој случај, не може да ни се наметне ништо без нашата волја. Тоа треба да му се каже на загрижениот народ. Пишувам на рабовите на соопштението. Не чека, веројатно, долг пат. Мора самите да го најдеме излезот. Како да разбирам, по малку, за тоа што ѝ се случувало во минатото на Македонија. Сите искажуваат свои претензии: де историски, де национални, де што ти не.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

30.4.1992

– Сончев топол ден, речиси летен.

– Испраќам писмо до дванаесеттемина преку Пињеиро.

– Знам дека немаме шанса за признавање од ЕЗ и овојпат. Дали, сепак, писмото ќе влијае врз „расположението“ на министрите?

– Во 12 часот примам делегација на албанското МНР. Шефот на делегацијата и еден член ги знам од некаде. Почнува да чита некои познати работи со нагласок на албанскиот народ во Македонија и македонското малцинство во Албанија. Потреба од соработка и слично. Одговарам – држам предавање за почитување на границите, за правата на малцинствата, за тоа како на Балканот се разбира поимот „национално малцинство“. Велам, тоа во демократските држави не значи помалку права, туку се употребува за дополнителна заштита на малцинството, или ако сакате, „нацијата“, „народот“, кој е во малцинство…

– Одам пеш до работа и назад. Ме препознаваат на улица, а некои и ме поздравуваат.

– Да се ослободам од нервозата, во трк се искачувам до моето поткровје на петтиот кат. И да сакам поинаку, не може – нема лифт.

– Растажена Мирјана ми раскажува што се случило на враќање од градинка со Влади. Бевме седнати во пицеријата, вели. Забележувам доаѓа малиот Милош со мајка му, целата во црно. „Оставете го Милош да руча со нас“. „Не можам. Одиме на гробишта, му оддаваме помен на татко му“. „Помен? Па, тој е млад човек. Што станало?“. „Го заклаа во Хрватска“.

ЧЕКАЊЕ

Мирјана бризнува во плач. Поразен поради злосторот со солзи што не престануваат да извираат од моите очи, пребарувам по сеќавањата: сигурно заедно сме ги облекувале Влади и Милош кога сме ги земале од јасли претходната година. Можеби сме се поздравиле. Сигурно сме се поздравиле.

Посегам по весниците и читам помен за поручникот на ЈНА од неговата сопруга и двете деца на возраст од 10 и 4 години. Да, се сеќавам на Милош и татко му.

Постепено се смируваме и преминуваме на разговор за една друга трагедија: за бегалците од Босна. Мирјана разговарала со претставник на Црвен крст да земеме некое семејство од БиХ во празната гарсониера на мајка ѝ.

Се запознала со две жени, едната со две, а другата со три деца, кои не знаат каде им се мажите. Се прашувале како ќе издржат со парите што ги имаат.

Велат, не можат до бесконечност да седат кај некого дома. Црвен крст нема пари да помогне.

Жените се сместиле во изнајмен стан во Автокоманда. Помогнавме со некои наши дребулии да им се најдат за почеток. Преку внатрешни успеав да им направиме југословенски пасоши, за да можат да се префрлат во странство.

1.5.1992

Убав сончев ден. Ја претрчав патеката од околу 7 километри. Во 12.30 часот ми се јавува претседателот Глигоров.

– Што правиш?

– Еве, се вратив од парк. Убав ден. А вие што правите?

– На работа сум: чекам.

– Што чекате?

– Што чекам не знам ни самиот (Се смее).

Се разбира, двајцата знаевме што чекаме во таа сончева недела.

– Има ли одговор од Пињеиро?

– Да.

– Пињеиро ми испрати писмо (Горе, своерачно, „Драг колега“, долу „Искрено“), но се правда дека не е можно мое присуство во Гимараеш зашто било против правилата на ЕЗ.

Попладне во 18 часот се јавува дописникот на „Вашингтон пост“ од Варшава. Бројот на телефонот го добил од министерот за информации на Хрватска. Прашува дали е точно дека низ територијата на Македонија минал конвој од 100 тенкови кон Солун, продадени на Либија. Се јавувам кај Глигоров. „Не е точно“, вели.

2.5.1992

ТВ дневник. Слики од Гимараеш. Го испраќаат Геншер во пензија. Се гушкаат со Пињеиро, тој му пее песна за збогум. Подарок – сребрена чинија, сигурно со изгравираните потписи на сите министри за надворешни работи.

ГО БАРАМЕ ИЗЛЕЗОТ

3.5.1992

Во 10 часот доаѓам во кабинетот на Глигоров. Се договараме за едно соопштение. Го анализирам текстот од Гимараеш. Велам да почнеме со добрата вест – не се поставува веќе прашањето за признавање. Но, сега, експлицитно името е пречка.

Значи, ја нема веќе формулацијата denomination which implies territorial claims, што е апсолвирано со мислењето на Арбитражната комисија. Сега е името. Во меѓународното право се познати услови, како територија, население и ефективна власт.

Оваа декларација, како и мислењето на Бадинтеровата комисија, експлицитно вели дека Македонија ги исполнува тие услови. Меѓутоа, сега се додава еден нов услов – a name that can be accepted by all parties concerned.

Не знам дали постои таков преседан во меѓународните односи. Го бараме автентичното соопштение преку португалската амбасада во Белград. Пристигнува соопштението.

Пораката е: може признавање, ама со друго модифицирано име. Глупости на кои подлегнале, сите под влијание на Грција. Во секој случај, не може да ни се наметне ништо без нашата волја. Тоа треба да му се каже на загрижениот народ.

Пишувам на рабовите на соопштението. Нѐ чека, веројатно, долг пат. Мораме самите да го најдеме излезот. Како да разбирам, по малку, за тоа што ѝ се случувало во минатото на Македонија.

Сите искажуваат свои претензии: де историски, де национални, де што ти не. Никој не е во состојба да помогне затоа што нивните интереси, судирајќи се меѓу себе и со „големите“ внесуваат парализа во заедничкото дејствување.

Можеби е подобро така. Барем ќе паднат сите маски и ќе се види дека само со сопствена мака и знаење (дали го имаме доволно?) нешто може (можеби) да се стори. Дали и овојпат Македонија ќе помине така како што поминувала низ историјата?

Глигоров седнува на маса и пишува, бргу земајќи со левата рака ливчиња хартија. Јас пишувам свои белешки. Завршува и седнува на масата пред бирото на која седев јас. „Еве што сум напишал“. Следам внимателно.

Опфатени се сите потребни елементи. Добро е што почнува со позитивните страни на декларацијата. „Добро, но што недостасува“, ме прашува. Велам: „Недостасува обраќање до граѓаните на Македонија што ги чека“.

Почнувам да пишувам текст на истите ливчиња со меморандумот на претседателот на државата. Текстот му го подавам на Глигоров. Не се сеќавам каков беше финалниот текст. Ова е само илустрација за тоа како практично изгледаше нашата соработка.

4.5.1992

– Уште еден сончев ден.

-На работа ме чека факс дека 200 камиони од разни земји се задржани на границата со Грција. Значи, Грците почнуваат. Во грчкиот печат се набројуваат казнените мерки на Мицотакис кон новата држава во раѓање: затворање на конзулатот, затворање на границата, прекинување на транспортот со нафта, довлекување воени ефективи до границата… Образложение? За да се спречи егзодус на наши луѓе во Грција и нивно враќање назад. Боже! Прво ќе создадеш невозможни услови за живеење, а потоа ќе ги враќаш луѓето назад во невозможни услови за живеење!…

КЉУСЕВ И ГЛИГОРОВ

Во 10 часот, состанок на Советот за безбедност на Република Македонија. Расправа за улогата на војската. Закон за армијата. Проблеми со исцртување на границите. Српско село половина во Македонија, а половина во Србија и обратно, македонско село…

Каде и како да се повлече граничната линија? Треба да се третира како чисто техничко прашање, велат. Добро, ако може… Се расправа за одѕивот на албанските регрути – минимален (34 отсто). Премиерот Кљусев: „Во ред, овојпат бидејќи е почеток.

Но, понатаму да се знае што е војска“. Следува расправа. Велам: „Ова не е прашање само на војската. Потребно е да афирмираме политика што ќе го негува чувството на припадност на Албанците кон оваа држава…“. Расправата продолжува за моќта на армијата да ги чува границите.

Точка за меѓународното признавање. Образложение на претседателот Глигоров. Ја чита декларацијата на дванаесеттемина. Кљусев: „Соопштението на министрите на ЕЗ е дебакл на нашата дипломатија…“.

Реагирам: „Ма, ајдете ве молам…“. Премиерот Кљусев зборува „неорганизирано“: „…не може да се рече дека во судирот со Грција не треба да има победници и поразени…“ (Очигледно „фатил“ нешто од она што го кажав неодамна во едно интервју).

Глигоров се зацрвенува и вели: „Треба упорно и трпеливо да продолжиме со оваа стратегија“. Крсте Црвенковски го гледа Кљусев со чудење. Забележувам заемна нетрпеливост. Фрчкоски ми намигнува. Дефинитивно знам дека не сум му по волја на Кљусев. А само пред неколку дена ми шепна: ,,Блаже те критикуваше на седница…“.

Неподготвен за ваков удар, истапувањето на Кљусев ме погоди. Ова се моменти кога жалев што не сум со книгите во мојот кабинет на факултетот. Сепак, смирено, земам збор и објаснувам што е меѓународна политика, интереси, сојузништва, Македонија, Грција…“.

Пауза. Следниот состанок е со работните групи на Конференцијата за Југославија. Една од важните точки е „специјалниот статус“ за малцинствата во документот на Карингтон.

Велам дека ова навреме треба да го регулираме со Законот за локална самоуправа. Сугерирам да направиме општини блиски до „специјалниот статус“.

Тогаш полесно ќе го додадеме тоа што недостасува… Во 15.30 часот се враќам на работа во Министерството. Пошта. Дома сум во 17. Не успевам да одам на трчање, ама успевам да одам по чекови за бензин. Ама ден!

Утре патувам за Брисел, па за Лондон (Даглас Херд „трет пат“). Се јавил вториот човек на американската амбасада во Белград и прашува дали може да го примам утре во 12.30. „Да“, одговарам.

Можност да му речам што мислам за поведението на Грција и на ЕЗ. За тоа дека линијата што не можеме да ја преминеме е таа на елементарното човечко достоинство.

(Продолжува)

Поврзани новости