По повеќе од 46 дена во тешка изолација, дојдовме до заклучок дека непријателот не можеме да го победиме и треба да научиме да живееме со него. Многу Италијанци, а и јас лично, ова го доживуваат како голем пораз и залудно дадени жртви. Но, мора да сме објективни дека никој од нас нема попаметно решение од ова што го применуваат италијанските власти – растоварен, но раздолжен карантин
Пишува: Дејан АЗЕСКИ
Италијанскиот премиер Џузепе Конте јасно потврди дека втората фаза од италијанскиот „локдаун“, која треба да подразбира одредени ослободувања на движењето, во никој случај нема да значи конечно решение на прашањето, туку подготовка за тоа како да се живее заедно со вирусот.
Ова е болната вистина со која деновиве се соочуваат граѓаните на 60-милионската Италија, која веќе трети месец води крвава битка со светската пандемија.
Најболно од сѐ е тоа што ова значи дека туризмот, кој е еден од носечките индустрии во оваа земја, објективно нема да може да се рестартира во наредните два, а можеби и три месеци, што во прашање го доведува најголемиот дел од туристичката сезона.
Пријателите кои ги стекнав тука коментираат дека летото беше идеално за колку-толку да се закрпат финансиските дупки од здравствената криза. Без летна туристичка сезона, многу Италијанци што живеат токму од туристите, се прашуваат како економски ќе го дочекаат следното лето.
РАДИУСОТ НА ДВИЖЕЊЕ ЗГОЛЕМЕН НА 500 МЕТРИ
Кога човек е во незавидна ситуација, секогаш почнува да се радува на малите работи. Па, така и ние тука, среде жариштето на Ковид 19 вирусот.
На почетокот бевме целосно затворени со денови. Подоцна ни дозволија еднаш во денот – еден од фамилијата да може да оди до најблиската продавница за храна. Потоа, ни дадоа можност да се движиме 200 м околу зградата, за на крај да добиеме цели 500 метри радиус на временски неограничено движење со најава дека тоа ќе се прошири на територијата на целата општина – што за нас овде е рамно на вистинска револуција.
Значи јас, кој само мината година пропатував повеќе од 100.000 километри и посетив преку 10 држави – сега се радувам на можноста да го посетам најблискиот парк, кој има вкупно пет дрвја, кои уредно ги избројав.
Во овие моменти се присетувам на еден популарен филм од пред неколку години со наслов на англиски јазик „The Room“, кој беше инспириран од ѕверствата на австриски монструм, кој со години држел заклучени во една соба мајка и дете (кое било родено во истата таа соба). Детето кое не знаело ништо друго во животот, освен тие неколку квадрати, мислеше дека светот од вкупно пет квадратни метри е сосема доволно голем.
Е, ние сите тука се приближуваме кон таа состојба, каде што и она малку ни изгледа многу.
СТРАВОТ ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА НÉ ПРОГОНУВА
Многу е веројатно, уште долго од кога ќе завршат државните рестриктивни мерки дека ние ќе останеме заложници на нашите лични ментални ограничувања.
Па, така, вчера поминав покрај мојот омилен ресторан со балканска храна во Трст, кој е отворен за нарачки на пакувана храна. Ја свртев главата за да не ме препознаат моите пријатели што работат таму, бидејќи уште не можам да поднесам да јадам храна што претходно друг ја допирал, па макар и со задолжителни ракавици. Сите што ме познаваат ќе потврдат дека само до пред два месеца јас бев најмалку пребирливиот човек што се однесува до исхраната и можев да јадам сѐ и од секого. Но, очигледно големите трауми и кај нас предизвикуваат големи промени.
Дополнително, како колатерална штета на оваа криза ќе бидат некои социјални навики од топлиот југ, кои привремено, а можеби и целосно ќе исчезнат. Тоа е, секако, честото поздравување, гушкање и бакнување, кое Италијанците буквално го користеа со векови наназад, како „добро утро“ и „добредојде“, а сега преку ноќ замре и исчезна.
Трет аспект што можам да го забележам овде деновиве е стравот на (не)Италијанците, во поглед на здравствената заштита, која ќе им се пружи, или нема да им се пружи.
Познато е дека за разлика од САД, во Италија јавното здравство, а особено Брзата помош има обврска да помогне на секое осигурено или неосигурено лице што ќе се најде во неволја на нејзината територија. И тоа до сега навистина било така. Но, како што се продлабочува кризата, така сѐ почести стануваат шпекулациите дека нема да имаат сите ист третман доколку дојде до масовен напад на болниците од нови пациенти.
Балканците овде веќе отворено се сомневаат дека ако треба да се одлучува кој ќе го добие последниот респиратор, ќе бидат оставени на страна во корист на староседелците.
Италијанците ја ценат и најмалата помош од странство
По овдешните медиуми наголемо се пишува за осумте авиони помош што ги испрати Србија за Италија. Голема е благодарноста и до Албанија, која е една од првите држави што испратија медицински екипи да му помогнат на градот Бреша. Интерес побуди и најавата на црногорските угостители дека по завршетокот на кризата бесплатно ќе сместуваат возрасни луѓе од погодените италијански области.
Ова нека биде благо потсетување за македонските власти дека барем нешто симболично може да се направи и дека тоа се цени и памети. Познато е дека и кај нас ситуацијата е напната, а ресурсите ограничени, но еден мал, макар и симболичен гест на испратена помош нема да му штети никому.
Сепак на долг рок, Италија повторно ќе биде економска и политичка сила, со која ќе треба да живееме и да соработуваме.