Антикорупциската комисија бара образложение од Уставниот суд зошто ја отфрли нивната иницијатива за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба на автопатиша без тенедер. Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска денеска по одлуката на Уставен, изјави дека сѐ што било нивна надлежност тие презеле, а одлуката на Уставниот суд е конечна.
-Уставниот суд е врв, нема што ние понатака, сè што било во наша надлежност ние сме преземале. Не знаеме кое е образложението за таквата одлука, многу нè интересира какво ќе биде тоа образложение, дотолку повеќе што нашата иницијатива се засноваше на членови кои се дел од Уставот, уставни членови, и многу нè интересира со кое образложение е отфрлена оваа иницијатива. Дополнително ни предизвика посебен интерес, а и сомнеж, благодарноста искажана од страна на Артан Груби кон уставните судии, изјави Ивановска.
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска во изјава за Фокус рече дека во одлуката ќе образложат зошто не е поведена постапка за иницијативата на ДКСК.
Кацарска: Ќе образложиме зошто не го укинавме законот за автопатите
Веста дека Уставен суд го потврдил законот ја соопшти првиот вицепремер, Артан Груби кој оваа одлука ја нарече „вест на годината“.
-Надмината е и последната законска пречка за реализација на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата земја и сега ќе се преговара за градежен договор со компанијата Бехтел – Енка.
Голема благодарност до уставните судии за покажаниот професионализам, колегите министри, пратениците и сите кои се дел од остварување на големиот сон“, објави министерот за политички систем, напиша Груби.
Уставниот суд вчера донесе одлука во корист на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и не поведе постапка за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба без тендер на автопатите од Коридорите 8 и 10.
Инаку, Собранието по скратена постапка донесе закон, со кој е утврдено конзорциумот „Бехтел-Енка“ да ја изгради делницата Тетово – Гостивар – Букојчани, проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан и делница на автопатот Прилеп – Битола.
Но, Државната антикорупциска комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар за тоа кој да ги гради автопатските делници, бидејќи не се предвидува тендерска постапка.
Антикорупционерите побараа да се поништи и стопира неговата примена, бидејќи, според нив, постои висок ризик на корупција, меѓутоа Уставниот суд ја отфрли нивната иницијатива.