Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска донесе одлука за покренување иницијатива до надлежното Основно јавно обвинителство за поведување кривична постапка против градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу и овластен градежен инспектор поради основано сомнение за „злоупотреба на службена положба и должност“.
Антикорупционерите сметаат дека постои основано сомневање дека со непостапување на градоначалникот на општина Чаир и овластениот градежен инспектор за изградба на објект на улица „Војдан Чернодрински“ во општината овозможиле прибавување корист за друго лице со незаконско градење.
Членот на ДКСК, Владимир Георгиев, појасни дека самото не постапување и не одговарање на дописите на Државниот градежен инспекторат и ДКСК, создале сомнеж дека се знаело за објектот, меѓутоа не се постапувало.
– Барањето од група граѓани, кои што се обратиле до Државниот инспекторат за градежништво е крајот на 2018 година. Ние, одговорот со сите ургенции го добивме три години подоцна, изјави Георгиев.