Синот на премиерот Христијан Мицкоски не патувал на товар на државата на самитот на НАТО во јули во САД, соопшти Државната комисија за спречување на корупција.
Оттаму констатирале дека 18-годишниот Јован сам платил и за авионските карти и за хотелското сместување.
Согласно добиената документација од Владата, во државната делегација за НАТО самитот имало 21 лице, претставници од канцеларијата на премиерот, од министерствата за надворешни работи, одбрана и за внатрешни работи, амбасадата на Македонија во Вашингтон и од постојаната делегација на Македонија во НАТО. Авионските билети ги резервирала владината Служба за општи и заеднички работи и тоа за 21 лице од списокот на кој што не било наведено името на синот на премиерот, соопштија од ДКСК.
Од Антикорупциската комисија констатирале дека Јован Мицкоски престојувал во апартмани, а не во хотелите каде била сместена државната делегација, а фактурите за сместувањето во апартмани биле на име на физичко лице. Синот на премиерот не бил дел од официјалната делегација и не присуствувал на ниту еден официјален состанок или средба, туку само на предавањето на неговиот татко.
Фотографијата од посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон, а на која е и неговиот син, беше тема на партиски преписки во јули годинава. Од СДСМ бараат од премиерот Мицкоски да ги објави јавно сметките со кои ќе докаже дека приватно го платил патувањето и сместувањето на синот.