ДКСК потврди: Има акумулација на функции кај новиот в.д. директор на Агенцијата за филм

by fokus

Она што вчера Фокус го објави дека Владата го назначила новиот в.д. директор на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски без претходно да го разреши од позицијата член на Управен одбор, денеска го потврди Државната комисија за спречување на корупција.

-Утврдивме дека новиот директор на Агенцијата за филм бил назначен без претходно да биде разрешен од функцијата член на Управниот одбор на истата институциија. Ова значи дека има акумулација на функции, што е спротивно на законот, изјави за Фокус претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Комисијата во понеделник ќе излезе со соопшение за целиот случај кој беше разгледуван од нивна страна. Владата пред три дена го постави Бојан Лазаревски за в.д. директор, иако распиша конкурс за директор со мандат цел мандат од две години кој заврши пред еден месец.

-Конкурсот за директор на Агенцијата за филм е завршен, меѓутоа изборот на кандидат сѐ уште не е направен од причина што станува збор за специфична агенција кадешто детално се анализираат предложените програми за работа, но Владата на Република Северна Македонија сакајќи да излезе во пресрет на вработените постави в.д. директор за краток период кој ќе биде потписник за нормално функционирање на институцијата, велат од Владата.

На конкурсот се пристигнати пет апликации, кои Владата се уште ги разгледува. Инаку, Агенцијата за филм беше поле на интерес на Државната комисија за спречување на корупција уште во јули, кога Комисијата побара од Владата да го разреши претходниот директор Тозија пред истекот на мандатот поради прекршување на процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност. Тогаш Владата и одговори на Комисијата дека не е надлежна да го разреши, иако согласно членот 16 од Законот за филмска дејност, Владата го именува и го разрешува директорот.

Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости