Непосредно по именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) стигнала анонимна претставка во која се оспорува законитоста на неговото именување.
Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска вели дека до нив стигнала ваква претставка и дека по неа е оформен предмет.
„Пристигната е претставка од анонимни извори, а се однесува на наводи за незаконско именување на директор на Агенцијата за национална безбедност. По добивањето на претставката оформен е предмет во Државната комисија за спречување корупција и по утврдувањето на фактичката состојба одлуката ќе ја соопштиме јавно на седница на Комисијата“ – изјави Димитровска.
Во врска со содржината на претставката, претседателката на ДКСК вели дека станува збор за наводи за непочитување на условите што ги бара Законот за именување на директор на АНБ.
Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика многубројни прашања и реакции во јавноста.
Една од главните се однесува на тоа што тој до неодамна беше член на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Градскиот комитет на партијата во Скопје.
Од Владата, но и самиот Христовски, изјавија дека тој ја завршил својата партиско-политичка кариера со тоа што лани во декември се повлекол од членство во партијата и дека Законот за АНБ не е прекршен во неговиот случај.