Антикорупциската комисија смета дека нема судир на интереси при изборот на поротникот Митко Сандев, за кој ВМРО – ДПМНЕ тврди дека е член на партијата на пензионерите која пак е коалициски партнер на СДСМ.
Во образложението, Антиокорупциска наведува дека политичката определба не може да биде критериум за разрешување на поротник од функцијата. Комисијата упати апел до сите политички партии да не ги злоупотребуваат и да не манипулираат со нив во пресрет на локалните избори.
-Во конкретниот случај за кој политичката партија укажува, ДКСК не утврди прекршување на одредбите за судир на интереси согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Исто така, ДКСК констатира дека во Законот за судовите и Етичкиот кодекс за судиите и судиите-поротници не постојат јасни и прецизни критериуми за избор и ограничувања на судиите-поротници, се вели во мислењето на Комисијата.
Од Комисијата појаснуваат дека начинот и критериумите за избор на судии и судии-поротници, како и ограничувањата при нивниот избор се уредени во членовите од 41 до 50 од Законот за судовите.
-Притоа, во член 42 став 2 е наведено дека за судија-поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 60 години, а во член 43 став 1 оти при изборот на судии и судии-поротници не смее да се врши дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“. Наведените одредби не укажуваат на посебни критериуми при изборот на судии-поротници и истите забрануваат дискриминација, појаснуваат од ДКСК.
ВМРО-ДПМНЕ побара да се утврди и дали истиот судија поротник како член на политичка партија, Партија на пензионери, односно партија која е коалиционен партнер на владејачката партија СДСМ, има судир на интереси при неговата работа.
Митко Сандев е судија поротник во случајот “Талир“ на поранешното СЈО поврзан со оваа политичка партија.