Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на денешната седница заклучи дека нема основи и ја отфрли пријавата од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Охрид, Воислав Димовски за судир на интереси против актуелниот државен јавен обвинител, Љубомир Јовески.
Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДКСК, во образложението на предметот посочи дека обвинителот од Охрид во пријавата навел оти добил сознанија дека во ОЈО – Охрид била доставена одлука донесена од Јавниот обвинител за негово оддалечување од работното место, а оваа одлука не била доставена и до него бидејќи во тој период бил на боледување.
Според пријавителот, со донесување на ваква одлука државниот јавен обвинител се довел во состојба на судир на интереси, бидејќи тој како кандидат за избор за Уставен судија, имал приватен интерес да го депласира пријавителот, појаснуваше Пејовска Дојчиновска, како негов противкандидат во постапката за избор на уставни судии.
ДКСК по разгледување на пријавата, не може да утврди дека постапувањето на државниот обвинител, во конкретниот предмет, претставува состојба на судир на интереси согласно Законот.