-Кога станува збор за ваков исклучително важен закон кој е столб во правниот систем на државата, сметаме дека начинот на донесување на измените и дополнувањата на истиот не овозможија јавна дебата, не овозможија анализа на последиците од истиот и сето тоа за нас создава сомнеж и висок ризик од политички пазарења и трговија со влијанија, изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, пренесе МИА.
Ивановска за медиумите изјави дека намалувањето на казните за одредени членови не придонесува кон зајакнувањето на борбата против корупција.
– Ние искоментиравме дека намалувањето на казните за злосторничко здружување не придонесува кон зајакнување на борбата кон корупцијата, туку, напротив, таа и понатаму останува декларативна, рече Ивановска.
Министерството за правда до ДКСК доставило барање за мислење да се произнесат по нацрт-верзија на Кривичниот законик со рок до 20 септември.
-Ова е сега нешто ново. Преку ноќ со молскавична брзина на донесување сметаме дека не е во ред тоа да ни се случува, изјави Ивановска.
Собранието вчера ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик со кој се предвидува намалување на казните за функционери.