Државната комисија за спречување на корупцијата во декември минатата година најави дека ќе ги проверува сите документи на кандидатите на Академијата за судии и јавни обвинители од нејзиното основање досега, но проверката ќе започне наредниот период, откако се објави ранг листата на кандидати кои го положиле завршниот испит и ќе станат или судии или јавни обвинители.
Тоа значи дека ДКСК ќе ги проверува документите на синовите, сопругите, ќерките и снаите на актуелните судии и политичари кои се најдоа на ранг листата и сите други кои завршија Академија, откако го положија испитот.
– Со Академијата е договорено проверката од страна на ДКСК на документацијата на кандидатите на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, да започне во наредниот период, односно по завршување на завршниот испит на Академијата, велат за „Фокус“ од Антикорупциската комисија.
Во меѓувреме Комисијата побарала од Државниот просветен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор на правните факултети во сите високообразовни установи во периодот од 2008 заклучно со 2012 година и да утврди кој степен и стручен назив на образование им биле доделувани на студентите за стекнати 180 кредити и дали се согласно важечките прописи од областа на високото образование.
-Дополнително, ДКСК побара при надзорот да се утврди и бројот на студенти во секоја установа во посочениот период на кои им биле издадени уверенија за стекнати 180 ЕКТС кредити, при што се здобиле со Vll/1 степен со стручен назив дипломиран правник, велат од ДКСК за „Фокус“.
Овие проверки почнаа откако Антикорупциската комисија утврди дека синот на собранискиот спикер Талат Џафери, Барлет кој е дел од Академијата за обвинители и судии предвреме положил правосуден испит. Потоа открија дека 449 студенти од Штуловиот универзитет добиле уверение за дипломирани правници без да ги завршат во целост првите студии.
На вчерашната ранг листа што ја објави Академијата на судии и јавни обвинители, завршниот испит го положиле речиси сите кои биле слушатели на академијата, па синовите, ќерките, снаите и сопругите на политичарите и судиите наскоро ќе бидат избрани за судии или јавни обвинители и ќе делат правда.
Барлет Џафери е 42-ри на ранг листата и е во групата на идните јавни обвинители.
На оваа ранг листа е и сопругата на новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, Албулена Абази, која е 51-ва на ранг листата и таа како и Џафери ќе биде јавен обвинител.
Токму поради неа, Абази се повлече од Управниот одбор на Академијата каде беше предложен од Советот на јавни обвинители.
Абази кажа дека со оглед на тоа што неговата сопруга тогаш беше слушател на Академијата за судии и јавни обвинители и е пред завршување на Академијата, не сака да падне било каков сомнеж во објективноста при спроведувањето на завршниот испит и оценувањето.
Сопругата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски пак е во редот на судиите. Симона Муцунски Бубевска е четврта на ранг листата.
Пред неа е Биљана Смаќоска, ќерка на обвинителката од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Гордана Смаќоска. Драган Јосифоски е 13-ти на листата и е син на обвинителката, Елизабета Јосифоска која беше во СЈО. Тој е исто така во редот на идните судии. Судијка ќе биде и Билјана Иванова, снаата на генералната секретарка во Собрание, Цветанка Иванова.
Меѓу оние со завршен испит се синот на судијата во Виш управен суд Субхи Јакупи, Илир Јакупи. Тој треба да биде јавен обвинител исто како и синот на судијата во Апелација, Енвер Беџети, Јетмир Беџети.
Енвер Беџети беше судијата известител за предметот за масовното прислушување, „Таргет-тврдина“, во кој е обвинет поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, а кого Судскиот совет го посочи дека го држел предметот со месеци во фиока и придонел за застарување на предметот. Нему му се отвора можност да биде јавен обвинител.
Претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев не сакаше да коментира за последната ранг листа на Академијата за судии и јавни обвинители, посочувајќи дека треба да се види кој од нив ќе биде избран за судија и дека „треба да се вреднува квалитетот“.
– Се надеваме дека тоа ќе биде стручен, добар кадар и ќе помогне во работата и ажурноста на судот. Судски совет прави анализи и се доделуваат нови судии врз основа на потребите. Нас, ни се потребни поголем број судии. Во периодот наназад се намали бројот на судии, а се зголеми приливот на предмети по кои постапуваме. Оваа година во најава има неколку судии кои ќе заминат во пензија. Така, сметаме дека бројката треба да се движи од пет па нагоре, рече Џолев.
Овие кандидати од политичкото-судското стебло се на чекор да станат судии или јавни обвинители. Со полагањето на завршниот испит, ним, всушност им се отвора вратата да бидат избрани за судии или јавни обвинители од страна на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители.
Фросина Факова-Серафиновиќ