ДКСК до градоначалниците: Да се поднесе анкетен лист најдоцна за еден месец

by Fokus

Државната комисија за спречување на корупција ги потсетува сите новоизбрани советници, градоначалници и функционери за одредбите од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, како и дека при извршувањето на јавните овластувања и должности не смеат да се раководат од лични, семејни, партиски и етнички интереси.

Непочитувањето на сите обврски и забрани од Законот за спречување на корупција и судир на интереси претставуваат прекршок и за истите се изрекува одредена прекршочна санкција, односно јавна опомена.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, на денешната 54-та седница, укажа на начелото на интегритет и обврската при вршењето на функцијата да внимаваат на евентуален судир на интереси, а во случај на постоење на сомневање на судир на интереси се должни да побараат мислење од ДКСК.

– Избраните градоначалници и членови на Совет на општина, односно на Град Скопје, имаат обврска за поднесување на изјава за имотна состојба и судир на интереси, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот. Градоначалниците или членовите на совет на кои функцијата им престанала, исто така, имаат обврска да поднесат изјава за имотна состојба или судир на интереси најдоцна во рок од 30 дена, од денот на престанување на функцијата. Градоначалниците или членовите на совет се должни во рок од 30 дена да го пријават секое зголемување на нивниот имот, односно имотот на членовите на нивното семејство во вредност што надминува 20 просечни плати во претходниот тримесечен период, изјави Ивановска.

Поврзани новости