ДКСК: Да се поведе прекршочна постапка за Ева Шуклева

by Fokus

Државната комисија за спречување на корупција на денешната 57-ма седница соопшти дека ќе постапува по анонимна пријава за заменичката на генералниот директор на АД „МЕПСО“, Ева Шуклева, која, според изнесеното, откако е на функција нема поднесено анкетен лист.

– Шуклева не поднела анкетен лист по изборот за претседател на Надзорниот одбор на АД „Мепсо“ во 2017 година. Од прибавените податоци од „МЕПСО“ произлегува дека истото лице на 25.7.2019 поднела неотповликлива оставка од функцијата член и претседател на Надзорниот одбор на АД „МЕПСО“ и нема поднесено анкетен лист, но ова е застарено поведување. Со одлука од 26.7.2019 година Ева Шуклева е именува за член и претседател на Управниот одбор на АД „МЕПСО“ со назив генерален директор и нема поднесено анкетен лист, но исто така и ова е застарено, согласно Законот за прекршоци. Со одлука од 1.12.2020 година Ева Шуклева е отповикана од функцијата член и претседател на Управниот одобор со назив генерален директор и во овој случај нема поднесено анкетен лист и не е доставено за да може да се поведе прекршочна постапка, беше наведено на седницата на ДКСК.

Дополнително, беше посочено дека со одлука 1 декември 2020 година Ева Шуклева е избрана за член на Управниот одобор на АД „МЕПСО“ за да ја извршува работата на заменик на генерален директор и оти повторно нема поднесено анкетен лист и во тој случај рокот не е поминат.

– Значи постапката може да се поведе. Шуклева нема поднесено анкетен лист по престанок на функција член и претседател на Управниот одбор. Од кога е на функција досега нема поднесено анкетен лист и изјава за интереси по избор на функција. Значи по овие случаи каде нема застареност да се поведе прекршочна постапка, истакнаа на седницата.

Предлогот беше изгласан, со што ќе се поведе прекршочна постапка за заменичката на генералниот директор на АД „МЕПСО“.

Поврзани новости