ДИЖС учествувал во издавањето дозвола за одложување опасен отпад на „Дрисла“

by Fokus

В.д. директорот на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Сретен Стојковски денеска на прес-конференција соопшти дека изминатите десет дена, откако е назначен на функцијата, добил сознанија за слабости и неправилности во работењето на институцијата.

Утврдено е, информира Стојковски, и дека Инспекторатот бил вклучен во издавањето А-интегрирана дозвола за одложување опасен отпад на ЈП „Дрисла“.

-По претставки на граѓаните за можно одложување опасен отпад на ЈП „Дрисла“ разгледана е документацијата за добивање А-интегрирана дозвола. Притоа е утврдено дека во процедурите за издавање на дозволата учествувал и Инспекторатот за животна средина. Ќе пристапиме кон вонреден инспекциски надзор над ЈП „Дрисла“ за инсталацијата за третман и складирање на 36 шифри опасен отпад. Потоа ќе покренеме постапка за ревизија на издадената дозвола, напомена в.д. директорот.

Тој најави дека ќе продолжат инспекциите на инсталациите со А-интегрирани дозволи, а значајна активност на Инспекторатот ќе биде и контролата на активностите за расчистување на малата депонија со линдан во „Охис“, почнувајќи од 15 септември 2021.

-За овие десет дена, откако сум в.д. директор, имам сознанија за слабости во менаџирањето, непродуктивно работење, несоодветно трошење на над три милиони денари буџетски средства без извештаи за сработеното, немање евиденција за присуство на работа и други трошења кои ги надминуваат моите ингеренции. Поради тоа, целокупната документација ќе им биде дадена на надлежните институции – Антикорупциската комисија и Финансиската полиција, рече Стојковски.

Поврзани новости