Ликовниот уметник и поранешен шампион во стрелање, Дивна Пешиќ, во сабота ќе има самостојна изложба во Компас Арена, во Чикаго.
Кавадарчанката која со семејството живее во Америка, за ,,Фокус” раскажува дека изложбата е во организација на Рока Бејкхаус и ќе бидат изложени 35 дела.
-Станува збор за мои дела, масло на платно, помеѓу кои ќе се најдат и неколку кои беа наградени на разни ликовни натпревари во САД оваа година. Благодарна сум на организаторот Рока Бејкахус, како и на Компас Арена, каде ќе биде поставена изложбата – вели Пешиќ.
Таа живее во Америка десеттина години, а во јавноста остана запаметена како шампион во стрелање. Иако стрелањето и донесе низа на светски успеси и учества на Олимпијадата, сепак Дивна отсекогаш имала пасија кон сликањето.
Започнала да слика уште како дете, а кога се обидела да се запише на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, добила нула поени на приемниот испит.
Оценета како ликовен антиталент во Македонија, таа сепак не се откажала од својот сон, и денес како самоука сликарка зад себе има десетици престижни награди од познати натпревари во Америка, како и од музеји и галерии.
На Американ Арт Авард во неколку наврати освои високи места, и беше прогласена за најдобар светски апстрактен експресионист.
За нејзината уметност слушнала и поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар, кај која Пешиќ беше на прием и и подари своја слика. Исто така, пред околу 17 години, и подарила своја слика на британската кралица Елизабета.
Вели дека не жали поради тоа што во земјава на некој начин и биле затворени вратите, кога се работи за нејзиниот талент, затоа што се пронашла во Америка. Над 25 музеји и галерии досега ги наградиле нејзините дела со прва награда, и била горда на реакциите на американската публика кон нејзината уметност.
Вики Клинчарова