Матурантката Тијана Силјаноска од СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид вчера не полагаше државна матура бидејќи Училишната матурска комисија на училиштето не ја пријавила за полагање во Државен испитен центар, појаснуваат од ДИЦ околу проблемот со неможноста матурантката да полага државна матура.
„За појаснување, согласно законските и подзаконските акти за реализација на државната матура, учениците пополнуваат пријава во училиштата каде што се запишани најдоцна до 31 декември во тековната година. Потоа следува процес на внес на податоците во база од страна на училишните матурски комисии, обработка на податоци и доставување на списоци со кандидати од страна на ДИЦ до училиштата најдоцна до 15 февруари. Училишните матурски комисии списоците со кандидати ги проверуваат и доколку имаат направено грешки ги корегираат и истите со потпис и печат од училиштето ги враќаат во ДИЦ“, соопшти Државниот испитен центар.
Од ДИЦ појаснуваат дека од комисија на СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид така е и постапено, односно списоците се вратени со потпис и печат, но немаат направено корекции дека ја имаат испуштено матурантката Тијана Силјаноска.
„Државниот испитен центар и понатаму останува отворен за соработка со сите матуранти и сите училишта и апелира до сите чинители во процесот на пријавување на државната матура многу внимателно да пристапуваат согласно нивните задолженија и надлежности“, соопшти ДИЦ.