Државниот испитен центар (ДИЦ) формираше комисија која треба да ги констатира прекршоците кои се направени во саботата при полагањето на матурски испит по мајчин јазик.
Формирани се и 10 комисии кои ќе ги утврдуваат прекршувањата на правилата поврзани со оценувањето и ќе се обидат да ги откријат останатите препишани тестови.
Директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска за „Слободен печат“ вели дека поништување на испитот ќе има само за учениците кои препишувале и каде има констатирано недоследности при полагањето.
– Нема поништување на полагањето за сите ученици, туку само за оние кои препишувале или на друг начин ги прекршиле правилата. Комисиите ќе ги собираат претставките и потоа ќе се одлучува каде ќе биде поништен испитот. Сите кои ги почитувале правилата резултатите треба да ги очекуваат 30 дена по полагањето- вели Михајловска.
Како што информираше Михајловска утрово во вибер-група, што постоела и пред полагањето на испитот, бил споделен тестот веднаш кога почнал испитот по мајчин јазик и литература, а линкот на ДИЦ му го пратиле ученици и родители.