Фотографии од лица облечени во полициски униформи, кои на недоличен начин на социјалните мрежи со навреди ги предупредуваат граѓаните за полицискиот час, предизвикаа лавина од критики во јавноста.
Министерството за внатрешни работи потврди дека двајца од нив се полициски службеници и информира дека против нив се поведени дисциплински постапки.
„При извршените проверки, беше утврдено дека двете лица заеднички фотографирани во возило се овластени полициски службеници, тие веднаш се повикани на разговор во внатрешна контрола на МВР, при што против нив најитно е поведена дисциплинска постапка за чија содржина и исход ќе ја известиме јавноста по утврдување на сите факти. Во врска со другата фотографија, каде што е фотографирано само едно лице, МВР утврди дека не станува збор за полициски службеник, туку за граѓанин А.А (27) од Прилеп, кој веднаш по утврдување на идентитетот е повикан во ОВР Прилеп на разговор и МВР против него ќе поднесе прекршочна пријава по член 23 од Законот за прекршоци против ЈРМ во висина од 600 до 800 евра глоба, заради лажно претставување на социјалните мрежи како полициски службеник, носејќи полициска маица со полициски ознаки“,- се наведува во соопштението на МВР.