Во Министерството за надворешни работи поведена е дисциплинска постапка за дипломатот и воедно претседател на Македонскиот дипломатски синдикат Зоран Дабиќ, непосредно откако тој се обрати на еден од протестите што секој ден се одржуваат против „францускиот предлог“.
-Според Уставот, загарантирана е слободата на мислењето, особено по работното време. Како претседател на синдикат, заштитен сум од отказ и друга казна, така да нема поента нивното. Сакаат да ме заплашат, со ова вршат притисок – вели Дабиќ за Фокус, додавајќи дека дипломатите одбиваат да учествуваат во постапка против него.
Инаку, тој прво се обрати пред македонското Собрание, додека вчера одржа говор и пред МНР, каде изјави дека никој во институцијата не знаел за таканаречениот француски предлог, кој, според него, е пораз за македонската дипломатија.
-Дипломатите жестоко се заплашуваат, се казнуваат и се бркаат од работа се со цел да се замолкнат оние што размислуваат со сопствена глава и оние што не прифаќаат да му бидат обичен декор на министерот Бујар Османи и параван за покритие на неговите активности – нагласи Дабиќ.
В.С.