Министерството за внатрешни работи ја извести јавноста дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува по случај со полицискиот службеник А.С. и неговите објави на социјалната мрежа Фејсбук во врска со нападите на Хамас врз Израел.
Од МВР информираат дека „против него ќе биде поведена дисциплинска постапка односно ќе следуваат соодветни санкции“.
„Ставот на МВР и Владата е јасен и прецизен. Силно ги осудуваме нападите на групата Хамас врз Израел и се солидаризираме со израелскиот народ. Апелираме за решенија преку дијалог. На светот му е потребен мир“ се вели во соопштението на Министерството.
Ова доаѓа откако поранешниот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев денеска објави на социјалните мрежи дека близок соработник на заменик-министерот на МВР, Назим Буши, отворено застанал на страна на Хамас во ситуација кога Владата му дава поддршка на Израел.
„Во време кога светот и Македонија застануваат и даваат недвосмислена поддршка за Израел и ги осудуваат терористичките напади на Хамас, висок началник во Министерството за внатрешни работи дава јавна поддршка на нападите на Хамас врз Израел. Имено, станува збор за Аднан Синани, началник во Одделот обезбедување во Министерството за внатрешни работи и лице кое работи како лично обезбедување на Заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши. Работа која вклучува ВИП обезбедување, учество во домашни и странски делегации и присуство на меѓународни настани. Претходно, на социјалните мрежи тој имаше јавен пост во кој има недвосмислени елементи на говор на омраза што е кривично дело предвидено во Кривичниот закон“, напиша Чулев на социјалните мрежи.