За суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, ќе биде поднесен предлог за разрешување до Советот на јавни обвинители, откако Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност при Јавното обвинителство донела одлука дека сторил тешки дисциплински повреди.
Освен за Хајрулахи, Комисијата донела одлука и за вишиот обвинител Јован Цветановски, на кој, како што соопштуваат од ЈO, одредена му е казна намалување на плата.
Од Обвинителството велат дека биле спроведени две дисциплински постапки и детално испитување на фактите, по што Комисијата ги прифатила предлозите од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Утврдено било дека двајцата обвинители извршиле тешки дисциплински повреди согласно член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки.
Во една од постапките, Комисијата утврдила дека Цветановски нестручно и несовесно постапил во четири предмети во кои се откажал од жалба или обвинение.
Од ЈО велат дека за Хајрулахи биле водени две одделни дисциплински постапки и во двете биле утврдени неправилности.
Во првата постапка, Комисијата констатирала неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Во втората, пак, утврдена е одговорност за нестручни одлуки донесени во три од наведените предмети, бидејќи тие биле реферирани кај него и одлуките биле донесени со негова согласност.