Поради тоа што Управниот одбор на ЗОО Скопје останал само со еден член, откако двајца од нив поднеле оставки, бидејќи биле назначени за директори на други институции, конкурсот за избор на нов директор на Градината, на кој се пријави само поранешниот директор Ѓорги Галетановски, ќе се поништи.
Ќе се чека на избор на нови членови во УО, па потоа би требало да биде распишан нов конкурс за директорски мандат.
Веста дека Галетановски, кој беше на чело на установата до 2021 година, се пријавил на огласот за директор на ЗОО Скопје, беше дочекана со одобрување од пошироката јавност, бидејќи во време на неговото директорување, Градината бележеше рекордна посетеност и напредок.
Но, на вчерашната прес конференција, градоначалничката Данела Арсовска кажа дека во врска со изборот на нов директор, првиот чекор треба да го направи УО на ЗОО Скопје.
Бидејќи Управниот одбор останал без двајца членови, и треба да се избираат нови, за да може да работи, а огласот за нов директор завршил на 14-ти август, барем засега, изборот паѓа во вода. Треба да се чека избор на нов Одбор, па потоа да се распише нов оглас.
Дали Арсовска знаела дека вака ќе се одвиваат работите, со оглед на тоа што Град Скопје добил писмено известување од актуелниот директор на зоолошката, Зоран Попов за оставките на два челна од одборот уште на 5-ти, односно 6-ти август, и дали намерно му се прават опструкции на кандидатот за директор, Галетановски, од институцијата велат дека нема такво нешто, туку се работи за сплет на околности.
Директорот Зоран Попов во разговор за ,,Фокус” вели дека Арсовска не можела да знае дека двајца членови од ОУ ќе бидат назначени за директори на други установи, бидејќи нивното назначување се случило неколку дена откако бил распишан огласот за нов директор.
-Не станува збор за никакви намерни опструкции, имаме нова Влада, се поставуваат нови директори. Арсовска не можела да знае дека членови од Управниот одбор ќе бидат назначени за директори во меѓувреме, и поради неспојливост на извршување на две функции истовремено, УО ќе нема кворум за да работи, и ќе нема кој да ги разгледа апликациите, па ќе мора да се изберат нови членови.
Откако ќе бидат избрани членовите, повторно ќе се распише оглас за директор на зоолошката, и ќе се испочитуваат законските и административни регулативи, вели Попов.
Додава дека не станува збор за манипулација со јавноста, како што веќе објавија повеќе медиуми, туку едноставно, се случило членовите токму во овој период да поднесат оставки.
На прашањето дали тој ќе се пријави на новиот оглас за директор, вели дека јавноста тоа ќе го дознае кога ќе биде распишан огласот, но не ја отфрла можноста да се обиде да остане на челната функција на Градината.
Појаснува дека деновиве прочитал голем број на шпекулации и невистини, поврзани со ЗОО Скопје, и тврди дека Градината функционира како што треба.
-Нашите животни добиваат потребна нега и грижа, имаат богато мени. Можам да кажам дека се хранат дури подобро и од некои луѓе, се внимава на нивната благосотојба, имаат мени слично како во градините во светски развиени држави. Невистините кои се објавуваат во одредени медиуми, никому не носат ништо добро, вели Попов.
По заминувањето на Галетановски од ЗОО Скопје, Попов е трет директор во установата.
Во меѓувреме, градината го изгуби кандидатскиот статус во ЕАЗА, угинаа повеќе животни кои важат за заштитени видови, а трите пржевалски коњи, кои се загрозен вид, беа отруени со јак отров. Извршителот на убиството на коњите до денес не е откриен, па поради тоа актуелни се бурните јавни реакции за менување на раководството во зоолошката, како и враќање на Галетановски на функцијата, бидејќи во неговиот мандат институцијата бележеше виден напредок.
Вики Клинчарова