Без плата се вработените во АД „Водостопанство“ каде актуелен директор е Илми Селами, кадар на ДУИ и поранешниот прв човек на Антикорупциската комисија од времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, објави 24 Вести.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција за состојбите во претпријатието директно го прозива премиерот Заев и министерот за земјоделство Димковски, бара отчет и од претпријатието, но името на Селами не го споменува. Инаку, Селами пред неколку месеци изнајми 15 автомобили за кои ќе плаќа 415.000 евра и после 5 години истите ќе треба да ги врати, а според пресметките, ако возилата ги купеше за нив ќе платеше 150.000 евра помалку.
Селами за себе си набави „рено талисман“ од 50.000 евра.
Директорот на „Водостопанство“ Селами, за Телевизија 24 вели дека возилата биле основно средство за работа и морало да се набават, а дури и да не се набавеле возилата, парите за плати повторно ќе биле проблем.
Посочува дека месечно за плати за вработените се потребни околу 270.000 евра, додека ратата за возилата за кои се плаќа оперативен лизинг е далеку помала. АД „Водостопанство“ сега бара од Владата со ребаласот да им даде околу 1,5 милион евра за да ги решат проблемите.