Директорот на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски на прес-конференција во Владата соопшти дека Македонија треба да врати 2,2 милиони евра, пари што биле злоупотребени од европските фондови.
Прес-конференцијата се одржа по објавите дека наместо за фризерниците и тренирањето на магариња, за што јавно беше линчувана поранешната директорка на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Лидија Димова, ОЛАФ бара државата да врати 2,2 милиони евра злоупотребени европски пари за случајот за кој токму таа поднесе кривична пријава.
Известувањето дека парите треба да се вратат до Националната агенција стигнало во ноември за злоупотребени грантови на 22 корисници од програмата „Еразмус +“ кои биле доделени во периодот од 2016 до 2018 година.
-Сакам да Ве информирам, Вас и целата македноска јавност за применото известување на Европската канцеларија за борба против измами и барање за поврат на 2,2 милиони евра од Националната агенција односно Република Северна Македонија злоупотребени преку програмата „Еразмус плус“. Имено на 30.11.2023 година преку електронска пошта Генералниот директорат за образование млади спорт и култура до Националната агенција достави известување во кое се бара поврат на средства во корист на Европската комисија согласно извештајот на ОЛАФ. Бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата на „Еразмус плус“ финансисирани од Европската комисија. Согласно ова известување се бара поврат од 2, 276.212 евра средства кои биле доделени како грантови во временскиот период од 2016 до 2018 година, соопшти директорот.
Агенцијата по извештајот иницирала серија состаноци со релевантни институции односно Министерството за образование и наука, Секретаријатот за европски прашања и делегацијата на ЕУ во Македонија, а била одржана и седница на владата.
Упатиле и барање до Управата за финансиска полиција од каде ги информирале дека и до нив пристигнал извештајот од ОЛАФ и дека бил доставен до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Во март добиле известување за конечноста на одлуката за поврат на средства. Сепак Ѓоргиевски не кажа зошто дури сега јавноста се информира дека треба да се вратат парите и дали има рок до кога треба да се вратат.
-Со оглед на тоа дека во тек е предистражна постапка во обвинителството ќе ве замолам за разбирање што не можат да се споделат подетални информации во однос на овој предмет што е во интерес на севкупната јавност. Ние преземавме активности за заштита националните и државите интереи и заштита на европските фондови, рече тој и се пофали дека зголемената транспарентност и подобрувањето на угледот на Националната агенција која цело време ја тресеа скандали за злоупотреба на европски фондови.
Додека на Димова сѐ уште ѝ се суди, ОЛАФ бара пари, а сведок тврди дека европските фондови биле злоупотребени преку мрежа на здруженија, компании, туристички агенции и училишта и дека едно се нуди за реализација, друго се спроведува на терен, а трето се запишува во завршните извештаи од спроведените проекти.
Новинарот-фриленсер кој е соработник на порталот нота.мк, Александар Методијев, во серија текстови обелодени дека Европската канцеларија за борба против измами – ОЛАФ бара Македонија да врати 2,2 милиони евра, пари кои биле наменети за проекти во Македонија, а биле злоупотребени.
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ