Директорот на ,,Шутка:” При транспортот на Палевски и Кешишов не се прекршени протоколите, писмо не е најдено

by fokus

Откако денеска обвинетиот Влатко Кешишов, на судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, истакна дека имал контакт со обвинетиот Љупчо Палевски во возилото со кое биле транспортирани од затворот „Скопје“ до Кривичниот суд, односно, Палчо му дал писмо и му рекол да го препише и потпише, а со кое ќе го амнестира од вина, се отвори прашањето дали двајца обвинети смеат да се транспортираат со исто возило?

Според директорот на затворот, Бобан Утковски, нема прекршување на законот и протоколите, појаснувајќи дека поради ограничениот број на возила не е возможно сите обвинети да се транспортираат посебно.

-Имам само четири возила. Па, еве кажете ми како група од 13 обвинети за исти предмет да ги транспортираме посебно? Тоа е невозможно. Плус, изјавата на обвинетиот се зема за апсолутна вистина, а што ако не е така? Разговарав со полициските службеници кои ги спроведувале двајцата обвинети од судот до затворот и од нивна страна ми е кажано дека предавање на писмо немало. Извршен е преглед на ќелиите на четворица од обвинетите и не е пронајдено такво писмо. Пронајдено е писмо на Палевски но кое е упатено за неговото семејство и тоа му е одземено, ни изјави Утковски, додавајќи дека во затворот притворениците немаат контакт.

Според поранешниот директор на затворот „Скопје“, Филип Андов, протоколите се прекршени и дури има простор за кривична одговорност.

-Строго е забрането носење на притвореници од ист случај со исто возило, до суд, затвор, болница или било кој друг објект. Не е точно дека и во минатото се транспортирале на ист начин. Сме носеле притвореници, па возилата се враќале по други. Вака, е загрозена и нивната безбедност, па добро е што судијата дал насока отсега да се транспортираат одвоено, ни изјави Андов.

Кешишов, пак, денеска во судница ја појасни својата верзија на настанот.

-При транспорт мој и на Палевски, од затворот до судот, тој ми кажуваше што да напишам, за да биде со мој ракопис. Ми даде ливче да го препишам и јас го препишав бидејќи се плашев, истакна Кешишев на денешното судење.

Во изјавата пак се тврдеше дека Палевски ниту на 22-ри ноември ниту на 27-ми, кога се случија грабнувањата и убиствата не бил со останатите обвинети, туку спиел во штабот на пртијата „Десна“. Пишуваше и дека Боре Видевски и Велибор Манев биле заедно на местата на настаните во Велес и Скопје и дека Манев му вршел притисок да изјави дека Палевски е органзатор и извшител на убиствата.

Но денеска Кешишов стана пред судот и кажа дека писмото не е точно, односно го напишал под страв, а по барање на Палевски.

Валентина Вурмо

Поврзани новости