Причината за секој пожар низ Скопје е човечки фактор. 100 отсто пожарите се подметнувани, тврди директорот на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ. Екипи на претпријатието вчера и денеска се на Матка каде активно помагаат во гаснење на пожарот што избувна во парк шумата.
-Не е возможно шумата сама од себе да се запали. Во кањонот Матка таа е во таква конфигурација што таа страна што е во оган сонцето не ја грее. Сметам дека се работи за несовесност, па и болест на одредени лица кои стојат зад овие пожари – вели Авировиќ.
Инаку, низ Македонија во моментов се активни пожари на неколку локации. Во селото Требовље во Македонски брод шумата гори веќе десетина дена, а последните информации од терен говорат дека огнот се проширил кон општините Брвеница и Гостивар. Од Центарот за управување со кризи информираат дека Од завчера вечер се интервенира на запалена мешана шума во атарот на Студеничани. Екипи на „Караџица“ утрово се ангажирани и во гаснењето на планината Жеден, во село Бојане.
Во Југозападниот плански регион се уште е активен пожарот кај Лутоец, во местото Змијарник. Пожари се регистрирани и во општина Крушево во атарот на Подвис кон село Локвени. Гори нискостеблеста деградирана дабова шума. Исто така, активни гори и во селото Железна река, над село Копанце во јегуновце, на падините на Горна Јакупица, во близина на селото Богомила, шумски пожар од синоќа има и во атарот на село Дреново.