Директорот на НОБ, Ристов: Извршители ни тропаат на врата!

by fokus

Националната опера и балет со јапонски грант од 663.000 евра, кој беше официјализиран минатата седмица, ќе добие нови инструменти за својот оркестар од 75 члена. В понеделник ќе ја прикаже првата албанска опера „Скендербег“, која е нарачана за 550 години од смртта на историската личност и требаше да биде изведена лани. Пред 20 дена на гостувањето во Сараево со „Кармина Бурана“, пак, НОБ го урна речиси 50-годишниот рекорд на посетеност на музичко-сценска претстава во „Скендерија“ и доби покана да гостува и во Истанбул.

Тоа се неколку поводи за интервју на Васо Ристов, кој 15 месеци е генерален директор на НОБ, а во институцијата што сега ја раководи работеше 25 години како прв трубач солист до 2010-та кога стана професор на Факултетот за музичка уметност на отсекот труба. Селектор е и на музичката програма на „Охридско лето“ во изминатите две изданија на фестивалот.

Ристов за МИА вели дека патувања и настапи надвор можат да си дозволат само кога финансиите се на товар на домаќинот, како што беа гостувањата во БиХ минатиот месец и во Бугарија лани. Затоа што сѐ уште не можат да се ослободат од насобраните долгови кон доверители и се соочуваат со извршители и тужби. Од наследените 800.000 евра долг, вратени се 200.000.

„Наследив долг од околу 800.000 евра направен во последната деценија. Веројатно сите претходни директори кога се правеле премиери, обнови на претстави, земале материјали од доверители што не ги плаќале и така долгот се зголемувал цело време.

Голем долг е 800.000 евра и сега имаме притисок од тие доверители. Пуштаат тужби зашто ако им истечат три години, им пропаѓаат парите. Факт е дека добиваме извршни решенија, тужба, преттужба. Извршители ни тропаат на врата. Откога сум дојден, успеав да вратам околу 200.000 евра. Можеби и повеќе, ќе покаже извештајот на крајот од годинава.

Добив убава информација дека Министерството за култура ќе помогне со 15 милиони денари со буџетот за 2020, за да можеме да ги покриеме извршните решенија. Министерството за култура ги покрива трошоците за струја, парно, вода за нашиот објект кој има над 30.000 квадрати, а со сопствени средства работиме тековно и за сè што треба да се купи како потрошен материјал.

Трошоците се сведени на минимум, а резултат на враќањето на долгот за овие 15 месеци се вработувањата што ни ги одобри Владата. Вработивме 74 хонорарци и имаме 25 унапредувања во сите шест сектори во НОБ“, истакна Ристов.

Поврзани новости