Директорот на ЈСП за автобусот кој изгоре во Сопиште: Имаме одредени сознанија, да видиме дали ќе се потврдат или не

by Fokus

Директорот на ЈСП Скопје, Драги Кушовски, изрази сомнеж и најави дека ќе се испитува можната позадина на вчерашниот пожар во кој изгоре автобус на линијата 58 во скопското село Сопиште. Според него пожарот најверојатно започнал од моторот поради проблеми со електричната инсталација.

„Имаме одредени сознанија. Да видиме дали тие сознанија ќе ни се потврдат или не. Дали можеби некој намерно или ненамерно од разни нему познати причини може да придонесува за неколку пати да се случуваат вакви работи“, смета Кушовски.

Полицијата и надлежните служби вршат истрага за причините за пожарот. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека инцидентот бил пријавен вчера (25 јануари 2025) околу 12:30 часот. Според нив, пожарот избувнал додека автобусот бил во движење, во близина на кружниот тек во Сопиште.

„Денеска (25.01.2025) околу 12:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека кај кружниот тек во с.Сопиште, скопско, настанал пожар во автобус на ЈСП во движење. Притоа, едно лице вдишило чад и на местото му е укажана помош од екипа на Итна медицинска помош, а други повредени лица нема. На местото излегла екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје“, информираа вчера од Скопската полиција за деталите.

Ова не е прв случај на пожар во автобус на ЈСП. Минатата година, сличен инцидент се случи во скопската населба Бутел, како и во паркиран автобус под Железничката станица. Дополнително, автобус на линијата 2 неодамна заврши на бетонските жардиниери кај ТЦ „Мавровка“, при што возачот тврдеше дека воланот му се закочил.

Истрагата продолжува, а јавноста очекува конкретни резултати за повторувањето на ваквите инциденти во возилата на ЈСП.

Поврзани новости