На три биолошки деца директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, и неговата сопруга Јана Дуковска-Деспотовска, одлучија да го збогатат семејството со уште еден член згрижувајќи детенце без родителска грижа. Деспотовски ги имаат 5-годишната Нина, 8-годишната Ана и 11-годишниот Андреј, а од неодамна член на нивното семејство е и Иво.
-Уште од самиот почеток на нашата врска со Јово се договоривме дека без разлика дали и колку наши деца ќе имаме, едно мора да посвоиме. Бидејќи имаме три биолошки, Андреј (11), Ана (8) и Нина (5), се одлучивме да станеме згрижувачко семејство. Со тоа, од една страна ќе помогнеме на едно оставено детенце, а од друга страна нема да го земеме редот на семејствата кои чекаат за посвојување на дете. Иако, тоа е поголем ризик за нас како семејство, сметавме дека така е најисправно за сите. И така Иво дојде во нашето семејство како четврт член – вели Јана Дуковска-Деспотовска во интервју за „Мама365 “.
Како што вели таа на ваквиот чекор се решиле после кампањата на Министерството за труд и социјала и УНИЦЕФ.
-Не знаевме ништо за можноста за згрижување. Тимот од Центарот за социјални работи-Скопје ни ја објасни постапката, не запозна со фактот колку дечиња секојдневно се оставаат или чекаат по домовите да бидат згрижени, а не исполнуваат услови да бидат посвоени и згрижувањето е единствена опција за нив. Тоа само не поттикна побрзо да се решиме и да згрижиме дете без родителска грижа. Пред се, заради Иво, да му дадеме можност да расте во здраво семејство, а потоа и заради нашите деца, да им дадеме пример со нашето однесување за сочувство, емпатија, љубов и грижа кон другите, бидејќи некако во секојдневното забрзано живеење овие вредности се забораваат – додава Дуковска-Деспотовска.