Вработените од Kомунална хигиена кои протестираат и го блокираат претпријатието на социјалните мрежи објавија снимка од телефонски разговор со директорката Косана Мазнева во кој тврдат дека таа им се заканува со откази.
-Нека си мислат на семејството и на лебот, нека не ги штитат. Ако сум ги огласила тие десетмина и се поднесени кривични пријави, ништо не ме спречува да огласам уште 200. Треба да се качат во камионите и да бидат сервис на граѓаните. Ова не е штрајк, затоа што за штрајк има процедура. Ова е бунт – вели Мазнева во разговорот.
Сојузот на синдикатите на Македонија на својата фејсбук страница објави дека најостро ги осудува заканите кон вработените во Комунална хигиена Скопје по објавеното видео во медиумите каде, како што се наведува, се слуша како директорката на Комунална хигиена упатува закани и навреди кон вработените.
Истовремено, како што стои, ССМ најостро го осудува потегот на раководството да избрка од работа поголема група на вработени, како и да го избрка од работа претседателот на Синдикатот на Комунална хигиена при СУТКОЗ, Дели Дардишта, кој има над 30 години работно искуство и тоа исклучиво поради синдикалната борба која ја води за работниците.
„Укажуваме дека на претседател на синдикат не може и не смее да му се откажува договор за вработување и дека ССМ ќе ги искористи сите расположливи механизми за заштита на претседателот Дели Дардишта од нечовечкиот однос на раководството во ЈП Комунална хигиена“, се наведува во објавата.