„Имаме ограничен буџет – далеку помал од нашата реална потреба за набавка на терапија. Нашите реални потреби сме принудени да ги вклопиме во лимитирани финансиски рамки“.
Ова денеска го изјави д-р Виолета Клисарова, в.д. медицински директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија на седницата на собраниската Анкетната комисија за истражување на работата на Клиниката.
Таа посочи дека постојано укажувала и до Владата и до Министерството за здравство за, како што ја нарече, оваа агонија во која е доведена Клиниката.
Клисарова посочи дека по многу години ги вовела редовните стручни состаноци, кои порано ги имало, па биле прекинати, формирала онколошки конзилиум уште првиот месец од именувањето, сакала да постигне рационалност во препишувањето лекови со висока цена, по строго определени критериуми според медицина базирана на докази и ги апдејтирала онколошките протоколи.
Таа истакна дека најсериозен проблем со кој се соочила во управувањето со ресурси е нивната ограниченост наспроти неограничениот број на пациенти кој секој ден се зголемува.
Докторката смета дека е крајно време да профункционира дисперзијата во лекување на пациенти со малигни заболувања за што, рече, нивните молби кон други клинички болници со радиотерапија во земјава не вродиле со плод.
-Дисперзијата мора да биде овозможена и поддржана од државата за клиники каде што се воспоставиле услови и кои имаат кадар и опрема. Мислам дека таму каде што има ресурси и кадар, треба да има институционален притисок врз овие институции – рече д-р Клисарова.
Укажа дека е во пораст бројот на болни со малигни заболувања и често значаен дел се со метастатска фаза и тоа треба да биде аларм за државата да се фокусира на превенција на малигни болести.
Апелираше до истражните органи што поскоро да заврши постапката со утврдување на злоупотреба на Клиниката и ако се утврди вина, да се именуваат виновниците и да се отфрли колективна вина.
– Се создаде недоверба кон Клиниката, паника во јавноста и меѓу нашите пациенти. Не им е доволна маката со тежината на болеста, туку сега имаат и несигурност како ќе бидат третирани – рече в.д. директорката на Онкологија.