Директорката позитивна на коронавирусот уште пред една недела била пријавена во министерството за здравство

by Fokus

Директорката на скопската Клиника за кожни болести, Нина Цаца-Биљановска кај која денеска беше потврдено дека е позитивна на коронавирусот уште минатиот понеделник од свои колеги била пријавена во министерството за здравство, дознава „Фокус“ од свои извори.

Според нашите информации, таа била на скијање во Италија, ама пред неколку денови присуствувала на симпозиум во Рагуза, каде што држела предавање на 100 луѓе. Како што дознаваме, откако се вратила, настанале конфликти на клиниката меѓу неа и нејзините колеги, кои упорно барале таа да се пријави, но наместо тоа, директорката им се заканувала со откази, ако некој го стори тоа. Нашите извори уште тврдат дека на симпозиумот биле присутни и Грци, кои сега мора да бидат известени од македонското ресорно министерство.

Во моментот, таа е на Клиниката за инфективни болести, а коронавирусот им се заканува на сите вработени, како и на пациентите кои во таа една недела циркулирале на клиниката или пак биле хоспитализирани таму.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција го потврди случајот и истакна дека е максимално разочаран од односот на неговата колешка, која требало да преставува пример за граѓаните. Тој најави и санкции за ваквото однесување.

И.М.

 

Поврзани новости