Синдикатот на угостителство, туризам, комунално-станбено стопанство, занаетчиство и заштитени друштва (СУТКОЗ) индформира дека Државниот пазарен инспекторат за труд донел мерка со која менаџментот на ЈП „Комунална хигиена“ треба да ги поништи одлуките за отказ.
„Ве известуваме дека од страна на Државниот инспекторат за труд по поднесената претставка од вработените на ЈП’Комунална хигиена’ Скопје на кои им беа дадени откази, со обезбедена бесплатна правна помош од СУТКОЗ и ССМ донесена е инспекциска мерка со која менаџментот на ЈП’Комунална хигиена Скопје’ треба да донесе писмен акт со кој ќе ги поништи одлуките за отказ поради тоа што истите се спротивни на закон и на колективен договор“, се вели во соопштението од СУТКОЗ.
Од СУТКОЗ очекуваат Управниот одбор на ЈП„Комунална хигиена“ утре на седница да донесе одлука со која ќе ги поништи отказните решенија и вработените ќе се вратат назад на работа.
Вработените на почетокот на овој месец протестираа, поради отпуштање на нивни колеги и бараа зголемување на платите. Поради протестот повеќе денови во Скопје не беше собран сметот.
Директорката на ЈП„Комуунална хигиена“ Косана Мазнева Николиќ на прес конференција изјави дека откази поделила само на оние кои не оделе на работа или ништо не работеле. На заедничка прес конференција со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска директорката извади документи според кои на платен список на ЈП„Комунална хигиена“ се и луѓе кои живеат и работат во Германија.
За време на протестот на вработените во ЈП„Комунална хигиена“ дел од градоначалниците на скопските општини се самоорганизираа да го соберат сами ѓубрето од скопските улици. Истата вечер Град Скопје и раководството на ЈП„Комунална хигиена“ по интервенција на полицијата успејаа да го растурат протестот и да извадат дел од камионите за собирање смет на скопските улици.