Директорката на дебарската болница – Севдије Коџа со признание за вина е осудена на две години условна казна, зашто приложила лажен сертификат за познавање на англиски јазик од Бугарија и со него станала директорка, пишува „Слободен печат“.
Сертификатот за англиски за кој е осудена Коџа, е од истото правно лице „Julia Co. LTD“ од каде диплома за познавање англиски има и првиот човек на АНБ – Христовски.
Името на училиштето кое му го издало сертификатот, го пишува во биографијата на Христовски, објавена кога аплицирал за асистент на Факултетот за безбедност.
До Антикорупциската комисија има пријава за јазичниот сертификат на Христовски, односно за неговата веродостојност. Покрај сертификатот по англиски јазик, се отвораат и нови прашања кои треба да ги проверуваат антикорупционерите, а тоа е дека Христовски бил во различни управни одбори во времето додека работел во МВР.
Биографијата на Христовски ја објави Факултетот за безбедност каде тој конкурирал за асистент. Таму навел и дека во 2012 година бил дел од управен одбор на Детски културен центар Карпош, член и потпретседател на Советот за спорт при Агенцијата за млади и спорт, член и претседател на управниот одбор на клиниката за ортопедија од 2007 до 2010, испитувач по предметот криминалистика во комисијата за оспособување на физичкото обезбедување (2014-2016).
Новиот директор на АНБ пријавил дека ТОЕФЛ сертификатот го добил во март 2022 година. Јазичното училиште „Јулија“ е во сопственост на Јулија Иванова Тодорова, која истовремено е и квалификуван медијатор но и овластен судски преведувач како што може да се види од некои документи што самата ги преведувала, а се закачени онлајн.